Улични игри, едукативни активности, музика, маалска дружба и детска велосипедска Критична маса го обележаа вчерашниот настан на улицата „4 Јули“ во скопско Ѓорче Петров, каде повеќе родители и деца побараа мирни и безбедни улици кои ќе останат како непречен јавен простор за сите граѓани, а не нивно узурпирање и сообраќајно дивеење.
Настанот беше инспириран од проблемите на улицата „Борис Сарафов“ (поранешна „4 Јули“), но граѓаните предупредуваат дека истите проблеми се однесуваат и на многу други делови од градот – брз моторен сообраќај, небезбедност, бучава, скратено право на движење на ранливите учесници во сообраќајот.
„Нашиот град е наша сцена. Улицата сакаме да ја доживуваме како втор, заеднички дом, а не како автодром“, порачаа граѓаните.
Музичка поддршка на настанот беа Мухамед Ибрахими, „Мугер Фугер“, „Ласт експедишн“, „Милко“, „Бла Бла Бла“.