[Фото + видео] Петрушевска контра Арсовски за тоа кој вршел мобинг, откако обоистката во НОБ доби времена суспензија

Случајот со Татијана Петрушевска, првата обоистка на оркестарот на Националната опера и балет (НОБ), која е привремено суспендирана, повлече повеќе реакции во културната фела. По конфликтот со диригентот Едуард Амбарцумјан за време на пробите на новото дело Мадам Бовари“, Синдикатот за култура застана во одбрана на Петрушевска и повика да се разгледаат состојбите и работничките односи во НОБ. Денеска, пак, одделни прес-конференции со спротиставени тврдења за мобинг држеа самата Петрушевска и директорот на институцијата Оливер Арсовски. Епилогот за случајот ќе се утврдува преку дисциплинска комисија во НОБ, откако Министерството за култура издвои дека „не може да има улога на суд, обвинител или арбитер“.

Обоистката Петрушевска на прес-конференцијата рече дека тие како уметници констатно биле под притисоци, уцени, закани по доаѓањето на Оливер Арсовски на директорската позиција на НОБ. Истовремено, нејзиното суспендирање го окарактеризира како незаконско и тенденциозно.

„Како уметник, 30 години беспрекорно ја извршувам работната задача, но во последнава година колегите и јас сме изложени на тортура, а сѐ тоа кулминираше со забрана за мој влез во Македонската опера и балет и казна од 50 проценти на плата за наредните шест месеци, кои исто така се повреда на постапката, бидејќи директорот сам не може да одлучи за такво нешто. Овие негови одлуки се надвор од сите ингеренции на директорот и уште еднаш ја покажаа потребата од докажување надмоќ“, рече Петрушевска пред новинарите.

Татијана Петрушевска, фото: Радио МОФ

Уште од првиот момент кога кулминирал притисокот, како што кажа, до неа застанале првите инструменталисти во оркестарот и побарале да се смири тензијата, но, тврди таа, диригентот Амбарцумјан „инструиран од директорот“ продолжил со заканитe.

„(Тоа беше кон) мене, жена, обоист и докажан уметник. Закани добиваа и моите колеги кои застанаа во моја одбрана. Закани имаме до ден денес, користејќи и највулгарни прости зборови во секојдневното обраќање кон нас“, посочи Петрушевска.

Меѓу другото, таа побара од Министерството за култура и ресорниот министер итно да преземат мерки и да ја заштитат неа, но и сите колеги и колешки за кои рече дека се изложени на секојдневен мобинг.

„Во оваа прилика ќе го повикам и премиерот на државата итно да ја истражи ситуацијата во Македонска опера и балет, која на страна од уметнички, таа е и целосно меѓучовечки девастирана“, нагласи Петрушевска.

Од друга страна, директорот на НОБ потоа на своја прес-конференција тврдеше дека токму Петрушевска им вршела мобинг на другите членови во оркестарот, а тоа траело повеќе години. Според Оливер Aрсовски, од нејзиното однесување не се жалел само диригентот Амбарцумјан, туку имало и од други диригенти и од нејзини колеги музичари.

Во однос на суспендирањето, тоа било привремено додека завршат пробите за балетската претстава „Мадам Бовари“, која на сцената на НОБ ќе се одржува со заменски обоист. Дисциплинската комисија ќе одредува за случајот, најави тој, а потоа ќе потпишел, без да прејудицира што ќе одлучат.

Оливер Арсовски на прес-конференција, фото: НОБ

„Како најголема културна институција во државата, Националната опера и балет има обврска да функционира врз основа на јасна хиерархија, поделба на одговорностите и почитување на работната дисциплина. Само така може да се зачува квалитетот на уметничките продукции и довербата на публиката“, рече Арсовски.

Според директорот, управата нема улога да зазема страни, туку „да обезбеди ред, стабилност и почитување на уметничките стандарди“. Секое отстапување од овие принципи, како што кажа, се одразува врз целиот колектив и врз имиџот на институцијата.

„МОБ и понатаму ќе постапува исклучиво согласно законската рамка и интерните правилници, со цел заштита на колективот, публиката и интегритетот на оперската и балетската уметност. Одговорното управување, меѓусебниот респект и професионалната етика остануваат темел на нашата работа“, рече тој, коментирајќи дека Синдикатот за култура без да се консултира со сите членови во НОБ објавил текст на Фејсбук, заедно со документите за суспензија на Петрушевска пред да почне правната постапка.

Во таа објава, Синдикатот вчера праша „Што навистина се случува во Македонската опера и балет?“.

„Документацијата и исказот на Петрушевска отвораат сериозни и алармантни прашања за начинот на кој директорот Оливер Арсовски раководи со најголемата национална културна институција. Наместо законито и одговорно управување, се наметнува слика на институција управувана преку притисоци, страв и злоупотреба на функцијата“, напишаа од Синдикатот.

Оттаму прашаа и дали е точно дека директорот вршел директен притисок врз вработените да продолжат со работа „по секоја цена“ и покрај, како што рекоа, незаконската суспензија на нивната колешка и покрај изјавите дека се под психолошки притисок.

„Ова повеќе не е внатрешно прашање на МОБ, туку сериозен институционален скандал. Затоа, јавно и недвосмислено го повикуваме министерот за култура, Зоран Љутков, да одговори: Дали воопшто знаете што се случува во Македонската опера и балет или ресорот со кој раководите е целосно надвор од ваша контрола?“, стоеше во реакцијата.

Министерството за култура и туризам своевидно се огради од случајот. Оттаму посочија дека „министерството нема, ниту може да има улога на суд, обвинител или арбитер кој пресудува врз основа на јавни наративи, синдикални соопштенија или медиумски квалификации“.

Фото: Министерство за култура

„Во културниот систем постојат јасно утврдени институционални хиерархии, менаџерски одговорности и законски процедури, и тие не можат да бидат суспендирани ниту заменети со јавен притисок, без разлика од каде доаѓа“, посочија од Министерството.

„Министерството за култура и туризам нема да дозволи, под никакви околности, преку неаргументирани обвинувања, јавни притисоци или запалива реторика, да се нарушува угледот и кредибилитетот на ниту една културна институција. Секоја национална установа во културата, вклучително и Македонската опера и балет, има сопствено раководство кое е одговорно за организацијата на работниот процес, за дисциплинските постапки и за почитување на Законот за култура, Колективниот договор и другите релевантни прописи. Министерството ја има надзорната и политичката одговорност да обезбеди системот да функционира законито, но не и да интервенира како инстанца што пресудува поединечни случаи надвор од утврдените процедури“, се вели меѓу другото во одговорот од Министерството.

Бојан Шашевски
Видео од пресот на Петрушевска: Радио МОФ