Струмица доби паметен соларен држач за велосипеди, кој се наоѓа во дворот на гимназијата „Јане Сандански“.
Инсталацијата има четири соларни панели кои сончевата енергија ја претвораат во електрична.
Ова е прв ваков велосипедски паркинг во државата, проект на локалното еколошко друштво „Планетум“.
„Соларниот паркинг за велосипеди не е само обичен паркинг за 13 велосипеди, туку паметен уред, каде може да се наполни батеријата на паметен телефон, лап топ , таблет, како и можност за безжично полнење. Ја има можноста преку WiFi рутер да се добијат локални податоци и активно мерење на температурата и квалитетот на воздухот“, појаснуваат од „Планетум“.
Соларниот држач има свое LED осветлување, шанк подлога. Конструкцијата е галванизиран челик и е АNTI VANDAL производ.
За соларниот паркинг, друштвото добило финансиска поддршка од општина Струмица, во партнерство со „Комуналец“ и СОУ „Јане Сандански “.
Идејата на проектот е да се подигне свеста кај младите и граѓаните, мотивирајќи ги и институциите да размислуваат како Струмица да биде „ штедлив “ град.