[Фото] Срушен покрив во ходник на студентскиот дом „Гоце“, реакции на социјалните мрежи

На социјалните мрежи веќе неколку часа кружат фотографии од срушен дел на покрив во еден од ходниците на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, што предизвика бурни реакции за лошата состојба во која се наоѓаат студентите сместени во овој дом.

Студентски пленум преку својата официјална Фејсбук-страница реагираше, велејќи дека овој пат немало повредени, но и прашувајќи дали наредниот пат нивните колеги ќе ја имаат истата среќа.

„Домовите се распаѓаат, исто како и системот во државата, но ние сè уште немаме добиено нов специјален студентски дом за да се спасат студентите живи од бедата во која живеат и која се руши околу нив“, стои во постот на Студентски пленум.

По реакциите на социјалните мрежи, Државниот студентски центар соопшти дека веднаш е интервенирано и извршена е санација на срушениот покрив. Од Центарот велат дека имало индиции дека е намерно предизвикана штетата, односно дека се работи за свесно и намерно уништување на инвентарот.

Лошите услови за живеење во овој студентски дом подолго време и се познати на јавноста. Покрај срушениот покрив, студентите секоја година се жалат и на проблеми со лифтот, немање топла вода, празни мензи и дека во продавниците со бонови нема ништо за купување.

Надлежните со години најавуваат целосна реконструкција во овој студентски дом, но засега градежни работи имаше само во блокот „Б“ во домот, во кој пред една и пол година имаше пожар. Иако годинава беше најавено дека студентите конечно ќе можат да се вселат во него, вратите од овој блок беа заклучени.