Претходните генерации со молчење дозволија да стигнеме до степен странци да ни одземат скоро сѐ, па дури и да посегнат по водата. Е, нема да дозволиме, соопштуваат од иницијативите Спас за Дошница и Зелена народна стража, кои заедно со повеќе граѓани од цела Македонија изминативе недели почнаа да се обединуваат, да го креваат гласот, да протестираат и да прават блокада против хидроцентрали на реката Дошница.
„Блокадите продолжуваат и отпорот расте сѐ повеќе. Ние младите сме движечката сила сега и наша е одговорноста за тоа што ќе се случува понатаму! Ние сме гласот на природата кој станува се посилен и нема да стивне! Дошница ќе остане чиста, жива и питка! За сите нас и идните генерации!, соопштува иницијативата.
Од таму повикуваат да им се придружат на движењето за заштита и спас на водите, планините и сите природни богатства во Македонија.
„Пишете ни за да дознаете повеќе за тоа што се случува и како може да се делува“, соопштуваат од иницијативата.
Од Changemakers4all, вчера исто така испратија соопштение до јавноста, посочувајќи дека е 17ти ден на Кожуф, 16ти ден блокада за Спас за Дошница.
„Нашите редови се засилија – ни се приклучуваат се повеќе нашите соборци и пријатели-активисти од Струмица, со кои сме стоеле еден до друг на многу борбени линии низ годините. Од Гевгелија, преку Струмица, и од сите градови низ Македонија, се буди народот и се приклучуваат сите кои не дозволуваат уништување на природата за профит. Стануваме едно во борбата за нашето човеково право на чиста животна средина, за заштита на реките и планините. Дошница не е само река. Таа е симбол на отпорот, на животот. Ова е време на обединување“, соопштија од таму.