[Фото] Славица Јанешлиева – Бачварска од петок изложува во „Марко Цепенков“ во Прилеп

Во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, во петок од 19 часот ќе биде отворена изложбата „Состојби“ од Славица Јанешлиева – Бачварска.

Според кустосот Маја Чанкуловска-Михајловска, на рамниште на визуелната презентација, најновата изложба на Славица Јанешлиева „Состојби“ следи како продолжение на нејзините претходни реализа­ции со инсталации/објекти кои егзистираат паралелно со нејзините остварувања во доменот на графичкиот медиум.

„Артикулацијата на нејзиниот уметнички израз со пошироко и сеопфатно преиспитување на актуелните состојби и општествени аномалии, како и со генерално девалвираното секој­дневно живеење, во случајов е презентирана во шест одвоени амбиентални сегменти, изведени со за неа препо­знатлив директен и специфичен ракопис, кој инсистира на продлабочени релации слика-значење“, вели Јанешлиева – Бачварска.

Според Чанкуловска-Михајловска, генерална карактеристика на овој, како и на претходните проекти, е постојаното потврду­вање на позицијата на Славица Јанешлиева во совреме­ната македонска уметнич­ка продукција, произлезена од карактеристичниот луциден третман на критички­те модели на стварноста.

Инаку, Славица Јанешлиева – Бачварска е родена во Скопје во 1973 година. Таа магистрирала на Факултетот за ликовни уметности. Од 2000 година работи како самостоен ликовен уметник, потоа од 2006 станува доцент, а од 2016 е редовен професор на овој факултет.

Јанешлиева – Бачварска зад себе има 25 самостојни изложби, а учествувале и во над 200 национални и меѓународни групни изложби. Добитник е и на повеќе награди, меѓу кои Финалист, меѓународна биенална изложба на графика  во Тајван, потоа наградата „Константин Мазев“, награда за графика „Димче Николов“, награда Атанас Мучев за најуспешен автор-дело на Избор 2002, награда од НУБ, 28 графичка изложба на ДЛУМ…