[Фото] Скулптура во Стар Дојран во чест на Емилија Динева, првиот македонски донор на срце и органи

Во градскиот парк во Стар Дојран, денеска беше претставена урбана инсталација во форма на срце, изработена во знак на благодарност кон хуманоста на семејството на Емилија Динева, првиот донор на срце и органи во Северна Македонија.

„Идејата на оваа акција е уште еднаш да се оддаде почит на Емилија Динева и нејзиното семејство за овој несебичен и херојски чин и преку јазикот на уметноста да се поттикне органодарителството како врв на хуманост и можност за спасување на стотици животи. Скулптурата „Срце за вечноста„ на младиот академски скулптор Андреј Миневски е водена од идејата да се овековечи дарувањето на органи како еден од највисоките чинови на човековата хуманост и можност кога еден живот згаснува друг да се распламти односно како што најчесто и бива да започне одново. Токму затоа и тематиката на скулптурата но и нејзината визуелност ја третира и темата на бесконечноста и начините со кои човекот може да се поврзе со бесконечноста преку постојната размена на енергии и материи. На овој начин авторот го овековечува херојството на Динева односно нејзиното семејство отворајќи и го патот до бесконечноста и незаборавот“, велат иницијаторите на акцијата.

Скулптурата е работена во техника која опфаќа спој на различни материјали како мермерно брашно, епоксид, метал изработени во стандарден скулпторски опус и доведени до совршенство од вештата рака на авторот.

Реализацијата на проектот е на Центарот за современи уметности – Скопје и Општина Дојран со финансиска поддршка од Фондацијата отворено општество – Македонија.