[Фото] „Скопје во пет и седумнаесет“: Осветлување на историјата преку светлосни уметнички инсталации

Креативниот тим на „Скопје лајт арт дистрикт“, синоќа точно во 20 часот иницираше серија аудиовизуелни инсталации, ласерски проекции и 3Д-мапирања на Поштата, Телекомуникацискиот центар, Скопското кале и високите кули во Карпош 1 и 2.

Инсталациите дадоа илустративен приказ на катастрофалниот земјотрес од 1963 година и на процесот на реконструкција што следуваше. Покрај овие изложби, беа емитувани и значајни пораки од Јосип Броз – Тито  и неговата позната изјава од 27 јули 1963 година: „Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме со помошта на целата наша заедница, тоа ќе стане гордост и симбол на братство и единство, на југословенската солидарност“.

Паралелно, на видеоѕидовите на плоштадот „Македонија“, Националната опера и балет и на трговскиот центар „Ист гејт“ беа проектирани филмски извадоци од „Филмски новости“.

Во организација на Министерството за култура и Владата, овој настан беше дел од поширокиот културен проект „Скопје во пет и седумнаесет“. Преку овие културни потфати се одбележува 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес, потсетувајќи на историската издржливост на Скопје.