[Фото] Скопје подновен со графити за солидарност

Седум домашни уметници викендов го подновија Скопје со графити на тема „Солидарност“. Преку нивната уметност тие упатија порака за солидарност, како сеќавање на катастрофалниот земјотрес во Скопје.

Акцијата, организирана од Град Скопје, а во соработка со Младинскиот културен центар, ги здружи графити артистите Ертунч Сали, Давор Кешкец, Марко Вујисиќ, Драган Китановски – Драж, Дејан Давчевски, Блаже Атанасков и Ермаљ Криезиу.

Тие цртаа на потпорниот ѕид на улица „Војвода Васил Чакаларов“, кој се наоѓа по Реплек.

Ова е една од двете локации кои Градот ги назначи како легални ѕидови, на кои уметниците може слободно да цртаат графити и мурали. Другата е кај ѕидовите од двете страни на булевар „Гоце Делчев“ под поранешна Стоковна куќа МОСТ, денес Универзитет на Југоисточна Европа.

„Тргнувајќи од тоа дека уличната уметност, пред сѐ, пишувањето/цртањето графити во поголем дел од светот вклучувајќи и кај нас е нелегална, многу градови именуваат и креираат легални ѕидови со што им овозможуваат слободен и безбеден простор за креација и уметничко изразување на уличните уметници. Легален ѕид / Legal Wall е дефиниран ѕиден простор од поголем размер на одредена локација, кој е одобрен од страна на сопственикот или локална власт/јавната институција за слободно користење за уметничка креација. Како слободен простор за креација легалниот ѕид овозможува на секој заинтересиран уличен уметник да може да создава уметност без временско одредено или законско ограничување. Ова е особено важно за младите улични уметници кои ќе имаат простор да ја развиваат својата креативност и способности за цртање“, велат од Град Скопје.

Легалните ѕидови ќе бидат означени со табли со кои се потврдува слободата и безбедноста за нивно користење за креативен израз од страна на уличните уметници.

Акциите се дел од активностите за кандидатурата на Скопје за Европска престолнина на културата за 2028 година (СКОПЈЕ 2028).