[Фото] Роми протестираа против полициска бруталност пред Чешката амбасада

Повеќе ромски граѓани денеска излегоа на протест во Скопје револтирани од полициската бруталност врз починатиот млад Ром, Станислав Томаш од Теплице, Чешка.

Протестот започна од основното училиште „Koчо Рацин“ на улица „Мајка Тереза” (Водњанска) и продолжи пред Чешката амбасада. Организатор беше граѓанското движење – АВАЈА.

Присутните побараа од чешките власти независна истрага и креирање на независна комисија што ќе ги разоткрива прекршувањата на полициските правила и практика во ромските заедници.

Фото: АВАЈА

„Чешките власти предводени од Премиерот, Андреј Бабиш, Претседателот, Милош Земан и Министерот за внатрешни работи, Јан Хамашек не ја осудија полициската бруталност од полициските припадници, туку напротив се заблагодарија за нивната реакција и дадоа поддршка на полицијата од Теплице. Ова е последен случај на полициската бруталност со кој Ромите низ Европа се соочуваат. Во полициска бруталност во септември 2020 во Битола беа претепани тројца Роми за кои се уште нема судска разрешница“, посочуваат од АВАЈА.

Револтот се создаде откако видео од приведувањето почна да кружи на социјалните мрежи. Од АВАЈА реагираат што чешките власти го оправдуваат инцидентот како употреба на легитимна сила, тврдејќи дека Станислав Томаш бил под дејство на зависни супстанции.

„Резултатот на целиот овој системски расизам доведе до смрт на младиот Ром во Теплице. Во Чешка властите негираа дека постапката на полицијата била полициска бруталност и во истовреме им честитаат на полицијата за ваквиот акт! Премногу е!!”, рече Селвије Мустафи од транснационалното движење на Ромите во кое АВАЈА е дел.

Полициската бруталност кон Ромите е највидливиот начин на функционирање на системскиот расизам во Европа, сметаат од ова граѓанско движење. Според нив, таа се заснова на неограничената сила на полицајците кои гледаат и третираат секое ромско лице како криминалец.

Фото: АВАЈА

„Свежи ни се сеќавањата за полициската бруталност врз Ромите во Битола кој што е во судски процес. Свежи ни се сеќавањата за присилните евикции на ромските населби, свежи ни се сеќавањата на смртта на Роми во затворите под сомнителни околности. Свежи ни се сеќавањата на секојдневната дискриминација врз Ромите од страна на поединци и институции, како што е малтретирањето на детето од Кочани”, истакна Салија Бекир од АВАЈА.

Активистите од ова движење сметаат дека сега е моментот сите да покажат солидарност како во случајот со Џорџ Флојд и движењето Black Lives Matter.

АВАЈА ги повика сите активисти, граѓански организации и граѓани да покажат храброст и да се спротивстават на полициската бруталност.

„Не треба да се чувствуваме небезбедни во сопствените заедници или загрозени од органите на прогонот заради бојата на кожата, предрасудите, стереотипите и расизмот“, порачуваат од АВАЈА.