„Реупотребивме 10 палети, 70 пластични шишиња, и употребивме 200 литри земја и минерал, многу љубов и неколку дебла и греди и од малку направивме многу“.
Вака ХОПС ја претставува својата втора инсталација „РЕ Употреби го умот“, која беше поставена во скопскиот Градски парк на настан под маски. Таму музика пушташе диџеј Псома, во присуство на повеќе поддржувачи и пријатели на организацијата од разни генерации.
„Создадовме клупа за да не зближи и здружи, за да го чуе љубовниот шепот и убавите желби и во себе да ги скрие искажаните тајни. Оваа клупа е за заедничка почивка на млади и стари, за долги разговори и плодни договори“, соопштуваат од ХОПС.
ХОПС објаснува дека клупата беше создадена како дел од акцискиот грант кој го добиле од Цивика Мобилитас, чија цел е општествена интеграција и социо-економско зајакнување на луѓето во социјален ризик во Скопје, преку нивно активно вклучување во активности во локалната заедница.
„Инсталацијата индиректно претставува визија на луѓето кои употребуваат дроги. ‘РЕ Употреби го умот’ има за цел да влијае на свеста на околината, овозможувајќи учество во креирање и реализирање на идеите за квалитетно заедничко живеење, еднакво за сите“, соопштуваат од организацијата.
Инсталацијата се наоѓа кај споменикот на Гоце Делче, кај скејтерите, а ХОПС претходно постави и инсталација во вториот дел на Градски парк – спроти паркот за миленици.
Фото: ХОПС / Елеонора Стојановиќ