[Фото] Платото пред Влада полно со демонстранти, повторно обоена Порта Македонија

Петти ден по ред граѓаните излегоа на протест за оставка на претседателот Иванов и укинување на неуставните аболиции. На платото пред Влада вечерва се собрааа неколку илјади граѓани, а дел од нив се упатија и кон партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.

Како и претходните четири дена, според најавеното „секој ден во 6“, протестот почна во 18 часот, пред Специјалното јавно обвинителство.

Неколку илјади протестанти потоа се упатија кон Собранието на РМ, каде активисти во име на граѓаните побараа повлекување на неуставните аболиции, оставка на Иванов и формирање на експертска влада која би ги имплементирала препораките на Прибе за демократски избори.

Група граѓани маваа со боја кон Порта Македонија, позната и како Триумфална порта, при што скандираа „Еве ви го триумфот“.Во центарот на градот на повеќе места можат да се видат и графити.

Протестот потоа преку Плоштад Македонија се премести пред платото на Владата, каде вечерва има видно помал број на полицајци од претходните денови.

Дел од протестантите се упатија и кон Штабот на ВМРО-ДПМНЕ, каде порачаа дека ќе протестираат секој ден, додека Иванов не поднесе оставка. На влезната врата ја испишаа паролата „Смрт за фашизмот, слобода за народот“.

Вечерва, освен во Скопје, граѓански протести се одржаа и во Битола и Струмица.