[Фото] „Пластиката со која живееме“

Огромен број на пластични ќеси исполнија историски објект во близина на Бордо. Оваа инсталација е последното дело на дизајнерскиот колектив „Лузинтераптс“ (Luzinterruptus). Тие се познати по своите акции за покревање на јавната свест за животната средина преку своите уметнички инсталации со пластика.

Ова дело беше направено во рамки на Интернационалниот фестивал за уметности во Бордо. Привременото уметничко дело насловено „Пластиката со која живееме“ навечер се претвора во светлечка инсталација.

Инспирирани од забраната за користење на пластични ќеси во Франција, инсталацијата го привлекува вниманието кон огромната количина на отпад од пластика што се создава во светот.

„Идејата беше графички да се визуелизира, на начин на кој ќе биде разбирлив за сите, отпадот од пластика што е околу нас, повторлив субјект во нашата работа и живот, со оглед на тоа дека се што употребуваме е или направено од овој материја, или е обвиткан во него, или пак го јадеме во вид на мали честички во месото и рибата“, напишаа од колективот.

Тимот, помогнат од уште 30 волонтери од Асоцијацијата на волонтери во акција, собра илјадници пластични ќеси и со месеци рециклираше пластика од градските продавници и магацини. Ќесите беа поставени на фасадите на зградата и беа осветлени од внатре во текот на ноќта. Инсталацијата беше поставена четири дена, по што секоја ќеса беше отстранета и рециклирана, а зградата се врати во својата оригинална состојба.