Низ сите општини низ Македонија од вчера (9 мај) па до недела (11 мај) се одвива масовната еколошка акција „Генералка викенд“.
Акцијата, организирана од „Men & Mountain“, со поддршка на бројни институции, ангажира над 200 волонтери, а планирано е да опфати над 500 локации низ државата со учество на над 20.000 граѓани. Во акцијата учествуваат и општини, локални и урбани заедници, факултети, школи, здруженија, поединци.
Целта е чистење на отпадот оставен од несовесни граѓани и подигање на свеста за заштита на животната средина. Голем број активисти веќе порачаа дека „од ѓубре не се гледаат убавините на Македонија“ и апелираа за колективна одговорност и еколошка свест.
Акцијата вчера започна со чистење на скопскиот Аквадукт – културно-историски споменик од особено значење за градот Скопје, кој низ годините често се претвора во депонија и стана „црна точка“.
„На патот кон Европа, мора да се однесуваме европски. Животната средина и културното наследство бараат почит, грижа и континуирана заедничка акција. Ваквите иницијативи ја покажуваат силата на граѓанската одговорност и добрата соработка“, изјави министерот за животна средина, Изер Меџити.
Претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова, посочи дека со секој подигнат отпад почувствувала дека не чистиме само простор, туку и ја обновуваме нашата поврзаност со природата.
„Им оддавам длабоко признание на организаторите на оваа благородна иницијатива, како и на сите учесници. Нивниот ентузијазам и ангажман го осветлуваат патот кон општество кое не само што го препознава значењето на селекцијата и рециклирањето на отпадот, туку и активно дејствува за создавање на култура на еколошка одговорност. ‘Генералка викенд’ треба да прерасне во ‘Генералка 365 дена’“, рече таа.
Инаку, врз основа на меморандумот во траење од 10 години што Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Национални шуми го склучија со „Мен енд Маунтен“, секоја година по завршувањето на еко акцијата „Генералка викенд“ во ноември се случува вториот дел од акцијата наречен „Сончева гора“, што подразбира пошумување на државно земјиште.
На секои 10 килограми собран отпад од „Генералка викенд“ се посветува по едно дрво од годишните планови за пошумување. Во изминативе четири години беа собрани еден милион килограми отпад за време на „Генералка викенд“. Досега во еко акцијата учествуваа над 44.000 волонтери, исчистени беа повеќе од 1.000 локации и беа засадени над 120.000 дрвја на различни локации: околу езерото Младост во Велес, селото Ќојлија во општина Петровец, во близина на мегалитската опсерваторија Кокино и во општина Старо Нагоричане.