Многу пати до сега апелираме во фекалната канализација да не се фрлаат предмети, најлони и останати материјали кои доведуваат до запушување на цевководите и нанесуваат штети како на нас како претпријатие така и на околината каде се излева фекалната вода, реагираат од ЈП Плаваја Радовиш, откако денес настанало застој на препумната станица од колекторот за фекални води од населбата Раклиш кон пречистителната станица.
Причина за застојот е кожна јакна која била делумно вшмукана од пумпата.
„Ова само зборува за тоа колку сме некултурни и неодговорни кон се она што значи општествено добро. Пред околу 50 години се почнало со градба на фекалната канализација на територијата на нашата општина имало многу запушувања, некои од нив и намерни, но ваква ‘инвентивност’ во наоѓање на начини за запушување на фекалниот цевковод од Раклиш до пумпната станица не е забележана на друго место“, соопштуваат од претпријатието од Радовиш.
Од ЈП Плаваја Радовиш упатуваат порака до жителите на населба Раклиш да се однесуваат одговорно и кон инфраструктурата и кон животната средина.
„Кожената јакна е во пречистителната станица, не е оштетена и го известуваме сопственикот дека може да отиде и да си ја подигне, а доколку не му е потребна, наместо да ја фрла во канализациониот систем, истата може да ја донира на некој кој нема облека, лично или преку невладините организации кои се грижат за таква категорија на граѓани“, соопштува претпријатието.