[Фото] „Добредојдовте во градот без јавен тоалет“ – герила-акција на штипски активисти

„Добредојдовте во Штип. Најпомочаниот град/Градот без јавен тоалет и јавна култура!“.

Ова е една од повеќето пораки и натписи кои штипските активисти од „Штип арт активизам“ ги поставија низ Штип.

Според нив, ова е поттикнато од потребата после долги години, како што велат, да се стави во функција јавен градски тоалет, но и да им се укаже на граѓаните дека воопшто не е убаво да уринираат каде стигнат, особено во влезовите од зградите низ централното градско подрачје.

„Влезовите од зградите, се гледа и на сликите, дека се во тотален хаос, а таму живеат луѓе и минат деца кои алармираат на некултурата и нехигиената во која живеат“, велат активистите.

Со ова, потенцираат активистите, сакаат да пренесеме порака до локалните власти да се стави во функција градскиот тоалет, кој велат долги години стои, а од причини непознати за граѓаните – се уште не е ставен функција.

„Да пренесеме порака и до граѓаните да внимаваат на јавната култура и хигиена. Сите да се однесуваме одговорно кон нашиот град!“, соопштуваат Штип арт активистите.