Фото: Четврто утро во кампот – МОН нема закажано нова средба со средношколците

Средношколците минаа уште една , трета ноќ во кампот пред МОН. Истрајни сме, не се откажуваме, велат тие за Радио МОФ. Засега немаат покана од МОН за нова средба, откако вчера не го прифатија нивниот предлог и побараа на преговорите да има мониторинг од Народниот правобранител и организации како Хелсиншкиот комитет и Меѓаши.

Ноќта минала мирно, а родителите на средношколците и синоќа се менувале во смени за да дежураат во кампот додека учениците спијат. Како што јавува нашата репортерка, и утрово во кампот доаѓаа граѓани кои се потпишуваа за поддршка на Пленумот. Храна во кампот има доволно, од намирниците кои им се потребни за денешнот ден недостига вода, информираат од Пленумот.

Стотици автомобили исто така свирнаа во знак на поддршка, за време на утринската акција пред МОН, со која како што велат, се обидуваат да ги разбудат надлежните институции.

Средношколцитите од Средношколски пленум веќе четврти ден кампуваат пред МОН, во обид да ги натераат надлежните сериозно да ги сфатат нивните барања за укинување на екстерното тестирање и враќање на стариот начин на полагање државна матура. Истовремено наставата , според Пленумот, ја бојкотираат 18 илјади средночколци низ повеќе градови.