Средношколците го отфрлија предлогот на МОН, преговорите продолжуваат

Нема договор и по третата средба меѓу Средношколскиот пленум и МОН. Како што соопштија од Пленумот, МОН на маса го ставил предлогот уште годинава да се полага матура по стариот концепт,  а да се формираат работни групи што ќе работат новиот концепт за следната генерација матуранти. Барањето за ставање во мирување на екстерното тестирање не им е прифатено, соопштија претставниците на Средношколскиот пленум, Александра Филипова, Дејан Рајковски и Огнен Ханџиски по средбата.

Преговорите ќе продолжат, а средношколците  бараат на следната средба во МОН да имаат присуствуваат и претставници од кабинетот на Народен правобранител, Хелсиншкиот комитет, Меѓаши, МОСТ.  Во меѓувреме останува кампот пред МОН и продолжува бојкот на наставата.

Според средношколецот Дејан Рајковски, нивните предлози во однос на екстерното тестирање не биле прифатени. Тој вели дека од нив било побарано да се формираат работни групи, каде што ќе се дискутира за некои други прашања.

„Ние веќе имаме оформено работна група, којашто го има разгледано концептот за државна матура, го има разгледано правилникот за екстерно тестирање и ние доаѓаме со конкретни предлози, а не доаѓаме со замисла да правиме некакви работни групи коишто ќе траат со години и со години“, изјави Рајковски.

Во однос на екстерното тестирање, средношколците велат дека предложиле да се направи како што е во Словенија. Тоа значи, да биде анонимно, да биде статистички и да служи како метод за објективна проверка за нечие знаење и резултатите да се користат само за да се увидат недостатоците во образовниот процес.

Околу 70 средношколци синоќа и покрај дождот кој врнеше цела вечер, останаа да преспијат во импровизираниот камп. Како што велат од Пленумот, настава бојкотираат околу 18.000 ученици.

„Тие нудат модел на работни групи каде што ние би работеле во работни групи без да ги адресираме прашањата сега. Сите што кампуваме, сега сме работната група којашто ги има изготвени сите предлози и им ги понудивме. Не сакаме некогаш да би можел да се реши проблемот, сакаме сега да го решиме, а имаме конкретни предлози како би можеле тоа  да го направиме“, рече средношколецот Огнен Ханџиски.

По три марша, бојкот на наставата и протести во повеќе градови, претставници на пленумот за првпат беа повикани на средба во МОН пред три дена, откако го поставија кампот, револтирани од игнорантскиот однос на надлежните кон нивните барања.

Првата средба помина без договор, а министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми и вицепремиерот Владимир Пешевски на задничка прес конференција ги повикаа средношколците да се вратат во училишните клупи. Вчерашната, втора средба пак според претставниците на Пленумот минала во пооптимистична атмосфера и на неа се разгледувале можностите за изнаоѓање заедничко решение.

Од МОН засега не излегуваат со став околу последните предлози за средношколците.