Голи, боси, валкани, исплашени, збунети, во несоодветна облека за временските услови и на температури под нулата и на плус 40 степени. Сликата со години не се менува. Речиси на секој семафор низ улиците во Скопје, кога ќе застанете со автомобил, на прозорецот ќе ви се појави детски лик, ќе чуете глас што ќе ве благослови и ќе видите подадени празни дланки што чекаат некоја пара.
Во обиколката низ скопските улици затекнавме возрасни што питачат на раскрсниците, жени со бебиња во раце на пеколни температури, деца што просат и мијат шофершајбни за пари. Најмногубројни се малолетните деца, оставени сами на улиците, а за родителите велат дека се тука некаде, во близина.
Од еден од малите питачи добивме одговор дека проси бидејќи татко му го тера да му донесе пари. Има и такви што питачат на улица и се придружувани од своите семејства. Во овие случаи, од Министерството за труд и социјална политика велат дека надлежно да постапува е МВР.
Kаде завршуваат парите од питачењето и кој ги злоупотребува овие деца?
Министерството за труд и социјална политика апелира кога ќе видите деца што питачат сами или во придружба на полнолетно лице на јавни места, а особено на раскрсниците, пред угостителските објекти, плоштадите и трговските центри, да го пријават детето на бесплатниот телефонски број 15 505 или во најблискиот центар за социјална работа или полициска станица.
Давањето пари на дете на улица не е хумано, велат надлежните.
Целиот прилог може да го погледнете подолу, како дел од рубриката ФоТон на МКД.мк.