[Фото] 23,7% од младите меѓу 15 и 29 години ниту работат, учат или се обучуваат, реагира ХЕРА

Денеска се одбележува 12 август, Меѓународниот ден на младите, а младите во Македонија сè уште живеат во реалност исполнета со системски предизвици, ограничени можности и несигурна иднина – од високото ниво на невработеност, неквалитетно образование, недостаток на младински пријателски здравствени услуги, па сè до слабата институционална поддршка и недостигот на безбедни јавни простори, корупција, младите се принудени да бараат перспектива надвор од сопствената држава, оценуваат од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА.

Според официјалните податоци, велат од ХЕРА, 23,7% од младите на возраст од 15 до 29 години се невидливи за системот. Односно, тие се NEET – ниту работат, ниту учат, ниту се обучуваат, што е далеку над европскиот просек и oценуваат дека тоа е сериозен сигнал за системска негрижа за оваа генерација.

„Податоците од најновата Национална стратегија за млади 2023–2027 укажуваат дека младите во земјата се соочуваат со ограничен пристап до услуги, ниско ниво на учество во јавниот живот и недоверба во институциите – повеќе од две третини од младите, сметаат дека не се вклучени соодветно во процесот на донесување на одлуки и дури 70% од младите не се заинтересирани за политиката“, посочуваат од ХЕРА.

Од таму ја споменуваат Студијата за социо-политичко учество на младите во Македонија, која потврдува дека половина од младите (51,4 %) сметаат дека властите воопшто не се грижат за нивните потреби и проблеми, а само 1,1 % сметаат дека властите целосно се грижат за нивните потреби и проблеми.

„Три четвртини од младите (73,7 %) досега не биле вклучени или консултирани од локалните или националните институциите при носењето одлуки. Загрижува и фактот што 74,4 од младите не припаѓаат на ниту една организација или друга форма на организирање“, нагласуваат од ХЕРА.

Оттаму тврдат дека голем број млади во земјата се соочуваат со недостаток на јавни простори, културна изолација и отсуство на неформално образование и менторство.

„Ситуацијата со менталното здравје е подеднакво алармантна – дури 64% од девојчињата на 15 годишна возраст чувствуваат две или повеќе психосоматски тегоби еднаш неделно, а дури 53% од истата група имаат депресивно расположение. Насилството исто така е во пораст, потребни се Програми за унапредување на менталното здравје на децата и младите“, се додава во соопштението.

Во ХЕРА сметаат дека во пресрет на претстојните локални избори, сите кандидати за градоначалници и советници, изборните програми треба да ги подготват во консултација и дијалог директно со младите.

„Бараме воспоставување функционални младински совети во секоја општина, со јасна надлежност, транспарентна постапка за избор и реално влијание врз локалните политики и буџети. Потоа, воведување на посебна буџетска ставка за младински политики и програми, со директно учество на млади во креирањето и надгледувањето на трошењето. Обезбедување достапни, бесплатни и безбедни јавни простори за младински иницијативи, младински центри (сексуално и репродуктивно здравје, ментално здравје, креативно изразување, развој на субкултури) особено во помалите општини и руралните средини“, предлагаат од ХЕРА.

Исто така, посочуваат дека треба поддршка за младинско вработување преку развој на локални програми за самовработување, менторски хабови, иновациски центри и субвенции за млади претприемачи.

„Воведување на локални служби за ментално здравје – психолози, социјални работници, и мобилни тимови достапни за младите. Заминувањето на младите од државата нема да се реши со кампањи и повици за патриотизам и раѓања на деца. Ќе се реши со конкретни, мерливи и долгорочни инвестиции во нивниот потенцијал и услови за живот. Локалната власт е првата линија на контакт со младите во државата и токму таму треба да се започне со вистинските промени“, предлагаат во ХЕРА, од каде што ги повикуваат политичарите, медиумите и граѓанското општество да ја третираат младината не како маргинална група за отчет, туку како рамноправни партнери во носењето одлуки и креирањето на иднината.