Фондацијата „Трајче Мукаетов“ додели 42 стипендии за студентите

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ додели 42 стипендии за студентитеВкупно 42 студенти, 20 од Фармацевскиот и 22 од Медицинскиот факултет станаа стипендисти на фондацијата „Трајче Мукаетов“ која по шести пат ги доделува стипендиите.

Овие студенти во период од 12 месеци ќе добиваат по 6.500 денари. Досега фондацијата има стипендирано 264 студенти, од кои 82 од факултетот за Фармација и 51 од Медицинскиот факултет се веќе дипломирани.

Претседателот на фондацијата, Живко Мукаетов истакна дека доколку студентите ги исполнат условите нивните стипендии ќе продолжат, а има и такви кои по дипломирањето работно место нашле во компанијата „Алкалоид“.

„Од нив 17 веќе се вработиле во „Алкалоид“ и во блиска иднина тој број дефинитивно ќе расте на нови завршени студенти кои ќе продолжат да работат во нашата компанија“, рече Мукаетов.

Деканот на Фармацевскиот факултет, Светлана Кулеванова истакна дека за стипендиите аплицирале 23 студенти од кои според критериумите избрани се 20, 16 од нив се студенти од трета година, а шест од четврта.

На Медицинскиот факултет, како што нагласи деканот Никола Јанкуловски, аплицирале 51 кандидат. Од избраните 22 кандидати по општа медицина, 14 се 3-та, а останатите 8 четврта година.

Имено, Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува и еднократна парична награда за првенците на генерации на двата факултети во висина од 1.200 евра. Оваа година парична награда добија Емилија Лазова од фармацевтскиот факултет со просек 9,84 и Сандра Ѓоргова со просек 9,89 од Медицинскиот факултет.