Фондацијата „Метаморфозис“ утре го организира настанот „Посветеност кон отвореност за долготрајни успеси“

Фондација Метаморфозис утре (19 јуни) организира настанот „Посветеност кон отвореност за долготрајни успеси“ со почеток од 11 часот во сала Милениум II во Хотел Холидеј Ин, Скопје.

„На настанот ќе бидат промовирани најновите резултати од мониторирањето на отвореноста на извршната власт изведена преку Индексот на отвореност на национално ниво, и ќе се споредат со резултатите од претходните години. Низ дискусија ќе се презентираат научените лекции и добрите практики преку кои може да се подобри транспарентноста на институциите“, се вели во најавата.

На настанот ќе се дискутира и за Партнерството за отворена власт и ќе се претстават заложбите од шестиот Национален акциски план.

Индексот на отвореност ги проценува перформансите на извршната власт во областа на добро владеење со тоа што се фокусира на четири столба: (1) пристапност, (2) ефикасност, (3) интегритет и (4) транспарентност со еден заеднички домен присутен во сите четири столба – отворени податоци.

Истражувањето е спроведено помеѓу февруари 2024 и мај 2024. Примерокот на таргетирани институции се состои од Генералниот Секретаријат на Владата, 16 министерства и 19 случајно избрани извршни органи во состав на министерствата. Методите на истражување се состојат од (1) следење на веб-страниците на таргетираните институции според низа индикатори, (2) прашалник
доставен до институциите за да се потврдат наодите добиени од онлајн мониторингот, (3) испратено барање за пристап до информации од јавен карактер до секоја институција со намера да се процени степенот на исполнување на ова основно право од секоја од институциите, како и (4) проверка на законодавната рамка.

Истражувањето се повторува на годишно ниво.