Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека финансиската писменост кај учениците во основното образование во Македонија е на задоволително теоретско ниво, но дека често недостига способност за практична примена на стекнатите знаења.
Таа ова го истакна на настан организиран од Бирото за развој на образованието по повод Меѓународниот ден за правата на потрошувачите, на кој беше презентирана Анализата на финансиската писменост во основното образование во Македонија. Според резултатите, учениците ги познаваат основните финансиски поими, но има простор за подобрување кога станува збор за нивната практична примена.

Јаневска нагласи дека финансиската писменост е една од клучните животни вештини и дел од современите образовни стандарди, бидејќи им помага на младите да научат како одговорно да управуваат со парите, да штедат, инвестираат и да препознаваат финансиски ризици и можни измами.
Според неа, основните финансиски навики се формираат уште во рана возраст, поради што финансиската едукација е вклучена во наставните програми од прво до деветто одделение. Во средното образование, пак, финансиската писменост се изучува преку предметот „Бизнис и претприемништво“, кој е задолжителен во четврта година за гимназиско и средно уметничко образование.
Истражување на ОЕЦД‑ИНФЕ покажува дека финансиската писменост во Македонија достигнува околу 56 проценти од максималното ниво, што укажува дека постои потреба од дополнително унапредување на знаењата и вештините кај граѓаните.
Министерката најави дека ќе следат промени во наставните пристапи со цел поголем фокус на развој на аналитичко размислување и практична примена на финансиските знаења. На настанот беа доделени и награди на учениците победници на ликовниот конкурс „Безбедни производи, сигурни потрошувачи“ и на нивните ментори.



