Филозофски факултет воведува фамилијарни студии?!

Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ планира воведување на нова студиска програма – фамилијарни студии, дознава Радио МОФ.  Неофицијално, според дел од вработените на факултетот, предлогот за воведување на новите студии се очекува наскоро да се најде на расправа пред Наставно-научниот совет. Иницијативата за воведување на новите студии ја потврдува и Деканот на Филозофскиот факултет, Горан Ајдински. „Формирана е работна група од професори и се водат разговори на оваа проблематика, но засега оваа иницијатива за нови студии е само предлог“, вели Ајдински за Радио МОФ.

Што ќе се изучува на „фамилијарните студии“?

Засега од факултетот не откриваат од каде доаѓа предлогот и потребата за воведување на ваков вид студии. Од Филозофскиот факултет не сакаат да коментираат за наставната програма и предметите кои ќе ги изучуваат студентите кои би се определиле за овој на студии, се додека предлогот не биде официјално усвоен. На веб страницата на еден од универзитетите во Тексас, САД, каде се изучуваат ваков вид студии се вели дека дипломата по фамилијарни студии (Family studies), ги подготвува студентите да работат во кариери насочени кон „зајакнување на фамилиите и креирање позитивна иднина за сите“. Дипломираните на овој факултет во Америка можат да имаат кариери во агенции кои работат со семејства, даваат услуги за црквата и за планирање на семејството или пак да бидат едукатори за родителство и семеен живот.

Кристина Озимец