Филозофијата на образованието тема на собирот „Исток – Запад“ во Скопје, Битола и Охрид

Филозофија на образованието и филозофија во образованието е годинешната тема на третиот меѓународен философски дијалог „Исток – Запад“ кој од утре до петок се одржува во три македонски градови.

Собирот е во организација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р. Державин“ и Филозофското друштво на Македонија. На настанот учество ќе земат истакнати академици, професори и филозофски истражувачи од Франција, Русија, Србија и Македонија.

Дијалогот се одржува во три македонски градови: Скопје, Битола и Охрид. Отворањето е утре, 4 октомври, во МАНУ, со почеток во 12 часот. На 5 октомври (четврток) дијалогот продолжува во Битола, во просториите на Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р. Державин, со почеток во 11 часот. Собирот завршува на 6 октомври (петок) во Охрид, во куќата „Уранија“, со почеток на последната сесија во 11 часот.

Најавените говорници на тродневниот философски дијалог

Дел од темите на кои ќе се дисктуира носат наслови како „Калокагатиа“, „Универзитет на крстопат“, „Метафизиката во образованието и лингвистиката“, Фил(м)ософија за деца“, „За некои цели на етичкото образование“ и други теми.

Говорниците ќе имаат по 30 минути за презентација и дополнителни 15 минути за дискусија. На крајот на секоја сесија ќе има поширока дискусија на темите претставени во тој сегмент.