„Филмски училници“ за средношколци и наставници – Кинотека со проект за едукација од областа на филмот

Кинотекa продолжува со својата „Филмска училница“ – проект за креативна едукација од областа на филмот и аудио-визуелното наследство,  наменет за ученици од средните училишта. Но, од годинава тие почнуваат ист проект во кој ќе вклучат и наставници и професори.

Па така, првата филмска училница ќе биде наменета за нив. Проектот почнува на 16. октомври и ќе трае 10 недели.

„Гледај филмови, учи и создавај“ е мотото на оваа интерактивна филмска училница  преку која учесниците ќе можат да се запознаат со националното аудио-визуелно културно наследство, со основите на филмскиот јазик и ќе имаат можност за креираат свои, авторски филмски етиди, инспирирани од богатата ризница на македонската кинематографија.

„Идејата на проектот е подигање на свеста на младите луѓе за значењето, вредноста и влијанието на националното аудио-визуелно наследство, поттикнување на истражувачко љубопитство, запознавање со вештини за истражувачка работа, со идеја за нивно вклучување во откривање на нови аудио-визуелни материјали од локални и приватни архиви, како и развивање на имагинацијата за создавање на лични аудио-визуелни приказни, инспирирани од историјата на македонската кинематографија“, велат од Кинотека.

Филмските училниците ќе се одвиваат секоја сабота во просториите и киносалата на Кинотеката, ќе има 5 школски часа посветени на една тема, а ќе се состојат од предавања, вежби и креативни работилници, гледање филмови и дискусии. Предавањата ќе бидат реализирани од филмолози од Кинотека и филмски професионалци, најавуваат организаторите.

Идеен творец на целиот проект е режисерката Марија Џиџева, која воедно ќе биде и координатор и модератор на предавањата.

„Со проектот „Филмска училница: гледај филм, учи и создавај“, ги отвораме портите на филмскиот архив на Кинотеката со што на младите им го приближуваме филмското наследство, а преку гледање филмови, интерактивно учење и креативно дружење ги  инспирираме да стекнуваат знаења, откриваат нови светови и со канализирање на сопствениот израз да создаваат свои дела“, велат од Кинотека.

Проектот е финансиран од Министерството за култура на Република Северна Македонија.