Филмски концерт Рихард Вагнер

По повод 200 годишнината од раѓањето на големиот германски композитор Рихард Вагнер,  Гете-институт Канцеларија за врски Скопје во соработка со Македонската филхармонија, Кинотеката на Македонија, НУ Центар за култура – Битола и Друштвото за германско-македонско пријателство и соработка, Битола го прикажува филмот Рихард Вагнер (со музичка придружба на Македонската филхармонија).

Филмски концерт Рихард ВагнерФилмот во Скопје ќе биде прикажан во киното Милениум на 5 декември, а еден ден подоцна, на 6 декември и во Центарот за култура – Битола. Двете проекции почнуваат во 20 часот.

Филмскиот концерт во Македонија ќе го изведе Македонската филхармонија под водство на диригентот Хелмут Имиг, еден од најзначајните германски експерти за аранжирање филмски концерти кој ја адаптираше за оркестар оригиналната музика од Џузепе Бече.

Со оваа изведба се продолжува низата историски филмски концерти иницирани од Гете-институт, Кинотеката на Македонија и Македонската филхармонија посветени на значењето и зачувувањето на европското аудио-визуелно културно наследство.

Филмски концерт Рихард ВагнерБиографскиот филм Рихард Вагнер ја има првата премиера во Берлин во 1913 година. Настанал по повод 100-тиот роденден на големот композитор и раскажува за животот на Вагнер во манирот на „живи слики“ (tableaux vivants’).

Ова е првиот филм кој ги отсликува сите позначајни моменти од животот на композиторот – почнувајќи од неговите студии и првото вработување во театарот во Бад Лаухштед, успехот и неуспехот во Дрезден, па сè до поддршката од кралот Лудвиг II, која трае до крајот на животот. Рихард Вагнер е првиот биографски филм во германската филмска историја, а воедно и прв филм за кој е напишана филмска музика во Германија.

Цената на билетите во Скопје е 200 ден и можат да се купат на касата на домот на АРМ до 16 часот. Проекцијата во Битола е бесплатна.