Филмска вечер на ФДУ: Проекција на испитни и дипломски филмови

Академска сцена на Факултетот за драмски уметности ФДУ во четврток (16 октомври)  ќе биде домаќин на љубителите на филмот, но наместо холивудски бокс-офис хитови за многу пари, тие ќе понудат домашен производ – дипломските и испитните филмови на студентите на режија.

Фото: Нова Македонија

Посетителите во четврток во 20:30 во просториите на ФДУ ќе имаат можност да проследат филмови на студентите од катедрите за Филмска и ТВ режија во класата на проф. Столе Попов, Филмска и ТВ монтажа во класата на проф. Димитар Грбевски и Филмско и ТВ снимање во класата на Проф. Апостол Трпевски: „Аудиција“ (Лавинија Софрониевска), „Шекспирова 9/1“ (Владимир Митревски – Ѓуле), „Враќање“ (Дина Дума), „Параболик“ (Мартин Иванов) и „Вонземјанинот Ли“ (Сашко Мицевски).

Иако станува збор за некомерцијални, краткометражни филмови, во нив се играат и повеќе познати великани на македонскиот филм и театар: Емил Рубен, Гораст Цветковски, Никола Ристановски, Софија Куновска, Владо Јовановски, Сашко Коцев, како и младите, надежни актери од овој факултет, кој е дом на многу талент и креативност.

„Академска сцена Ве очекува. Пари не треба, но понесете многу љубов кон филмот“, порачуваат студентите од ФДУ.

Влезот за проекцијата на испитните и дипломски филмови на ФДУ е слободен.