Филмот „Борба за смрт“ на Венинова награден на фестивал во Грција

Мите Грозданов и Илија Струмениковски, главните протагонисти на краткометражниот филм „Борба за смрт“на Елеонора Венинова, освоија специјална награда за најдобра машка улога на Меѓународниот филмски фестивал во Драма, Грција.

Венинова, која го напиша сценариото и ја режираше оваа парадоксална драма, особено ја радува што наградата ја добиле актерите.

„Многу често на овие фестивали се наградуваат режисерите, а актерите се во втор план, иако нивната игра има голем удел во самиот филм. Драго ми е што Мите и Илија го добија ова признание, со оглед на тоа што работеа во тешки услови, но со многу љубов и посветеност“, вели Венинова.

borba-za-smrt-2

Актерите објаснуваат дека работата со екипата на „Борба за смрт“ претставувала задоволство и чест.

„Оваа награда ме прави пресреќен и верувам дека секој мој колега, кој добива награда од својата фела го дели истото чувство. Тоа кажува дека она што си го направил навистина вредело. За мене важна алка во целиот процес беше и дружењето со сите тие луѓе на сетот, но и големото разбирање. И јас и колегата Грозданов се вљубивме во самите ролји“, раскажува Струмениковски.

„Особено се радувам затоа што жирито кое ни ја додели наградата е интернационално и луѓе од целиот свет ги слушнаа нашите дијалози на македонски јазик“, вели Грозданов.

Тие во филмот толкуваат улоги на двајца старци кои се расправаат за последното гробно место во едно запустено македонско село. Филмот ги разоткрива дилемите за тоа што ќе се случи ако на човек, кој животот го свел на исчекување на смртта, оддеднаш некој му го уништи планот за умирачка.

„Борба за смрт“ се снимаше минатото лето во село Кален, Прилепско. Директор на фотографија е Димо Попов, Монтажер и продуцент е Гоце Кралевски, дизајнот на звук е на Дарко Спасовски, а сценограф e Никола Ангеловски. Филмот е во продукција на „ДНФ филмс“, а е поддржан од Агенција за филм на РМ и од „Канал 5“.

Продуцентот Кралевски информира дека филмот ќе се најде и на програмите на претстојните изданија на Фестивалот за краток филм во Измир, Турција, како и на Тузла филм фестивал во Босна и Херцеговина, а најави и следен проект со режисерката Венинова.

„Во подготовки сме за долгометражен игран филм со работен наслов „Преекспонирано“, кој е примен на работилница на „European Script Meeting“ во Рига“, информира Кралевски.

Сценариото за „Борба за смрт“ учестуваше на неколку работилници за развој на кратки филмови во Литванија, Романија и во Грција. Токму на Меѓународниот филмски фестивал во Драма, пред две години ја освои и наградата за најдобро сценарио на работилницата „Драма пичинг лаб“.