Независниот театар „Штрих“ го организира „Under 600“ – фестивал што ќе ги обедини независните театри од Западен Балкан, од 25 до 28 септември на различни локации во Скопје, каде ќе се одиграат репрезентативни претстави од независната сцена од регионот.
„Преку овој ревијален фестивал, публиката ќе има можност да се запознае со моменталните трендови и естетички тенденции во современиот независен театар, како и предизвиците со кои тој се соочува“, велат од „Штрих“.
„Штрих“ ќе биде домаќин на 12 претстави и перформанси, со фокус на македонската продукција. Програмата ја сочинуваат и настани за вмрежување, како и специјална програма со фокус на млади театарски уметници, која вклучува проследување на фестивалот од студенти од регионот и презентирање на две претстави.
„Овие активности се насочени кон поддршка на следните генерaции театарски креатори и создавање на платформа за размена на искуства и соработка. Со настани низ целиот град на јавни, алтернативни простори, кафулиња и неконвенционални локации, фестивалот ќе го потенцира проблемот со простор на независната сцена и креативните решенија кои таа ги користи за да се справи со истиот. Регионалниот карактер на фестивалот дополнително овозможува создавање на една заедничка енергија, запознавање и заедничко согледување на творечките сличности и различности во регионот“, истакнуваат организаторите.
Програмата ќе биде објавена во наредните денови на официјалните канали на фестивалот.
„Штрих“ е независен театар основан во Скопје во 2021 година, посветен на создавање слободен простор за творештво. Преку смели театарски продукции, издавање драмска литература и меѓународни соработки, нивната визија е да се подигне свеста за независниот театар и да се катализира уметничко и опшествено влијание. Мисијата на „Штрих“ е да ја разгори фантазијата, да ги предизвика перспективите и да ги обедини заедниците преку моќта на театарот.
„Under 600“ е иницијатива за зајакнување на независниот театар во регионот на Западен Балкан, создадена од „Штрих“ заедно со „Дах“ театар од Србија и „Корифеј“ театар од Црна Гора. Иницијативата започна со креирање на онлајн платформа за споделување и комуникација во секторот, настани на фестивалите „Уметноста и човековите права“ на Дах театар и „Корифеј“ фестивалот во Колашин, Црна Гора. Фестивалот е главниот фокус на оваа програма.
Оваа иницијатива е дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ (CC4WBs), финансиран од Европската унија, кој има за цел да го подобри дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културниот и креативниот сектор, како и развој на потенцијалот на секторот за социо-економско влијание во овој регион.