Фестивал „Еволуција на сонот“ од 11 до 13 септември во Парк Ѓорче Петров

Од 11 до 13 септември 2025 година, во централниот општински парк на Ѓорче Петров ќе се одржи првото урбано издание на „Еволуција на сонот“.

Како што објаснува Весела Моловска, основач и оргнизатор на фестивалот, „Еволуција на сонот“ носи динамична и современа програма наменета за сите генерации, со акцент на урбана култура, меѓународна и локална уметничка сцена, племенита културна продукција со многу музика, перформанси и невообичаена форма на изразување.

„Фестивалот има корени од 2016 година, кога старата куќа на ‘Рузвелтова’ 44а беше претворена во уметнички простор пред нејзиното рушење. Деветте соби на дебармаалската куќа беа насликани со мурали од реномирани уметници, придружени со концерти и перформанси, оставајќи магично искуство за посетителите. Подоцна, проектот продолжи во Кинотеката на Македонија со музичко-визуелни настапи и изложби. Ова е негово трето издание, но прво во форма на урбан фестивал што ќе продолжи да расте и да се надградува во наредните години“, посочува Моловска.

Програма на фестивалот:

11 септември – Отворање (20:00 часот)

Фестивалот ќе започне во соработка со уметничкото движење Palomart од Неапол. Ќе настапат уметници и музичари од Португалија, Бразил и Италија со live аудио-визуелни перформанси, концерти, DJ сетови, уметнички инсталации и мурална уметност.

12 септември – Урбана култура и млади

Ден посветен на слободата на изразување преку музика, танц и визуелна уметност. Ќе има перкусионистичка работилница со бразилски уметник, live графити-перформанси и DJ сетови на Oky Doky, Double G, Аце КН и други. Атмосферата ќе биде збогатена со урбани активности и спортски натпревари.

13 септември – Фузија

Завршниот ден ќе донесе концерти на Џун и Пијан Славеј, кои ќе ја пренесат свежината на еден нов музичко-поетски формат што носи поразличен звук на македонската сцена.

Платформа за култура и заедништво

Според Моловска, „Еволуција на сонот 2025“ претставува урбано, музичко и уметничко доживување кое ги обединува различните култури и генерации, создавајќи платформа за дијалог, инспирација и заедништво.

„Се надеваме дека фестивалот ќе ја добие поддршката на јавноста и ќе се вброи меѓу значајните културни настани во Скопје“, констатира Моловска.