„False Perspective“ – прва самостојна изложба на фотографии на Мартин Георгиевски

Македонскиот музичар и уметник  Мартин Георгиевски ака Amplidyne Effect ќе се претстави со својата прва самостојна изложба на фотографии „False Perspective“ во петок (28 февруари ) во Автономниот културно социјален центар (АКСЦ). 

Falce Perspective  - прва самостојна изложба на фотографии на Мартин Георгиевски

Георгиевски комбинира различни современи техники и пристапи за да ја добие оптималната мултимедијална комбинација, користејќи ги своите знаења од областа на звукот за потполн впечаток на своите дела. Во неговата работа евидентен е современиот пристап,  кој аналогното го комбинира со дигиталното, а фотографиите се дигитално обработени до степен на непрепознатливост, добивајќи визуелен идентитет и едноставност блиски до плакатот.

Изложбата е форматирана во вид на фото-дневник од патувањата на авторот на различни локации низ светот, прикажувајќи сегменти од урбаниот пејзаж на големиот град или микро-моменти од технолошките придобивки на современото општество; амбиентални структури  или визуелни отсечоци од локациите каде тој бил, престојувал или само поминал. Тоа се слики на задоцнет остаток од попатен поглед, движење или само отпечаток од скенирана површина, прикажувајќи ја нејзината детална текстура. Делови од мостови, метро станици, ескалатори, екрани, исечоци од архитектонски објекти или само парче градско небо, се само дел од предметите на овие фиксирани погледи и движења.

Falce Perspective  - прва самостојна изложба на фотографии на Мартин Георгиевски

 

Замрзнатите кадри ја оддаваат и нескриената критичка димензија, претставувајќи ги преку нив резултатите на глобализираното општество и неговите дистописки карактеристики. Критичката димензија се потенцира и преку игнорирањето на правилата и техничкиот квалитет на фотографијата, а авторот не води сметка ниту за перформансите на опремата која ја користи, со тоа избегнувајќи го пуристичкиот и елитистички момент на класичната фотографија, но добивајќи на динамика, преку потенцираните дигитални грешки и шум.

Изложбата е придружена и со аудио/визуелна инсталација, чија lo-fi естетика ја надополнува целината на фотографските дела и дава нов впечаток и доживување преку играта на светло и звук. Дрон музиката која се емитира во заднината, дополнително ја засилува  дистописката претстава на урбаниот пејзаж, но и ја дообликува целината на естетската слика.

Овие фотографии  се поместени и во експерименталниот фото албум/каталог Amplidyne Effect: Photography and Glitch + Drones, каде се спојуваат различни експериментални техники на печатење и различни типови хартија на која се печатени фотографиите. Оваа книга можете да ја подигнете на самата изложба.

Отворањето на изложбата е најавено во 20 часот.