„Фајненс тинк“: Коронавирусот ја предизвика најдлабоката индуцирана рецесија на македонската економија

Затварањето на економијата и ограниченото движење поради ширењето на коронавирусот Ковид-19 ја предизвика најдлабоката индуцирана рецесија на Македонската економија, пришто Бруто домашниот производ (БДП) во вториот квартал од 2020 се намали за 12.7%, се вели во најновиот „Макроекономски монитор“ на „Фајненс тинк“.

Од таму потенцираат дека ова намалување се совпаѓа до нивната проекција од 11 април 2020 година.

„На производната страна, падот е најголем кај индустријата (-25.3%) и трговијата, транспортот и угостителството (-23.4%), пришто индустријата и транспортот се намалија главно поради ограничената меѓународна трговија и отежнатото движење, додека трговијата и угостителството страдаа од наметнатото затворање и воздржаност од потрошувачка на неесенцијални добра и услуги“, соопштуваат од „Фајненс тинк“.

На расходната страна, дополнуваат тие, ефектот од индуцираната контракција и ограниченото движење е видлив кај падовите на извозот (-25.6%), увозот (-31.3%) и инвестициите (-29.6%), а падот на потрошувачката е поблаг (-12.7%).

„Невработеноста во вториот квартал од 2020 се зголеми за првпат по 15 години, на 16.7% од претходните 16.2%. Сепак, растот е значајно помал споредено со контракцијата на економијата, главно затоа што ударот на кризата беше пресретнат со владините мерки – главно мерката за субвенционирање на платите во износ од 14.500 денари по работник, која вклучуваше одредба за задржување на истиот број работници за време на користењето на мерката и два месеца по нејзиниот престанок“, соопштува „Фајненс тинк“.

Помеѓу двата квартала, велат тие, најмногу работни места, 12.000 или 24.2%, се изгубени во дејноста транспорт и складирање.

Во моментот, „Фајненс тинк“ ја задржува проекцијата за падот на БДП во 2020 на -3.8%, како и во третиот квартал од 2020 на -4.7%.

„Но, двете проекции се под особено изразени негативни ризици, во целост детерминирани од времетраењето и потенцијалното влошување на кризата предизвикана од Ковид-19. Особено, овие проекции се изградени врз претпоставките дека економијата нема повторно да се затвори при евентуален нов удар од Ковид-19 есента 2020, како и дека економските текови ќе продолжат со разумно темпо на нормализација до почетокот на 2021“, стои во анализата на „Фајненс тинк“.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.