Европскиот парламент вчера усвои резолуција за намалување на разликите и сузбивање на сиромаштијата помеѓу вработените, во која се бара воведување на минимална плата и еднаквост на условите за работа за сите, вклучително и за оние кои работат преку интернет, како и укинување на разликата во платите меѓу мажите и жените, пренесува „Данас“.
Принципот дека сиромаштијата исчезнува со вработувањето не важи во секторите со ниски примања, како и за оние кои работат во несигурни и нетипични работни услови, посочија европратениците, барајќи воведување минимална плата и еднакви работни услови за сите.
Резолуцијата за намалување на нееднаквоста со посебен акцент на сиромаштијата и покрај вработувањето е усвоена на пленарна сесија со 365 гласа „за“, 118 „против“ и 208 воздржани, објави Европскиот парламент.
Европратениците го поддржаа предлогот на Комисијата, оценувајќи го како важен чекор за да се осигура дека секој може да заработи за живот од својата плата, а ја повикаа Комисијата и земјите-членки во општите цели за спречување на сиромаштијата во ЕУ да го вклучи и спречувањето на сиромаштијата меѓу оние кои се веќе вработени.
Во дискусијата беше посочено дека директивата треба да обезбеди дека пропишната минимална плата секогаш треба да биде над границата на сиромаштијата, како и дека работодавците не треба од минималната плата да ги одбиваат трошоците како што се сместување, облека, алатки, лична заштита и друга опрема.
За време на дебатата беше предупредено дека 95 милиони Европејци живеат во опасност од сиромаштија, и покрај фактот дека Европската Унија е една од најбогатите области во светот.