Европскиот омбудсман покрена истрага за односот на Хрватска кон мигрантите

Народниот правобранител на Европската унија започна истрага за наводниот неуспех на Европската комисија да ги заштити правата на мигрантите и бегалците кои се жалеа дека биле малтретирани и ограбени на границата од хрватската полиција, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Омбудсманот истражува потенцијално соучесништво на извршните тела на ЕУ во лошото управување со средствата што требало да се потрошат за надзор на полициските службеници.

Постојат бројни обвинувања за агресивно однесување на хрватската полиција кон мигрантите на границата со Босна и Херцеговина, вклучувајќи го и инцидентот во кој еден мигрант беше и застрелан.

Хрватска постојано ги негираше ваквите обвинувања, а пред еден месец соопшти дека ќе покрене истрага со цел да отфрли било какви сомневања.

Во јуни, весникот „Гардијан“ напиша дека Европската комисија го покрива неуспехот на Хрватска да ги потроши парите на ЕУ наменети за надзор на граничната полиција.

Во текстот на „Гардијан“, официјални претставници на ЕУ се обвинети „нечуено заташкување“ на докази за неуспехот на хрватската влада во надзорот на полицијата, која повеќепати беше обвинувана за грабежи, злоупотреба и понижување на мигрантите на нејзините граници.