Европски парламент: Жените се сè уште лишени во процесите на донесување одлуки

Во ниту една земја-членка на Европската Унија сè уште не е постигната потполна полова еднаквост, предупредија неделава пратениците во Европскиот парламент (ЕП) на расправата за предизвиците за иднината на женските права, по повод 25-годишнината од Пекингшката декларација, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Жените и мажите не се рамноправно вклучени во процесот на одлучување на сите нивоа, беше истакнато на расправата која се одржа во средата. Во четвртокот пак, европратениците усвоија и резолуција која се однесува на оваа проблематика.

Во повеќете европски земји, „во кабинетите на владите, парламентите, јавната администрација, работните групи за Ковид-19 и одборите на компаниите, сè уште не е постигната еднаква распределба на моќта помеѓу мажите и жените“, се истакнува во резолуцијата која ја донесе ЕП.

Европскиот парламент планираше да ја одбележи 25-годишнината од Пекингшката декларација со случувањата од 2020 година, но активностите беа одложени поради пандемијата со Ковид-19.