Европската унија минатата година вложила 60 милијарди евра во електричните возила

Европската унија во 2019 година обезбеди инвестиции во износ од 60 милијарди евра во производство на електрични возила и батерии, што е за 19 пати повеќе отколку во 2018 година, се вели во новата анализа на Европската федерација за транспорт и животна средина, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Според извештајот на бриселската непрофитна организација, позната како Транспорт и животна средина (Т&E), индустријата и владите во Европа се обврзале дека ќе обезбедат 3.5 пати повеќе инвестиции во производството на електрични возила и батерии од Кина.

T&E наведува дека ваквите инвестиции треба да бидат надградени, така што ЕУ и мерките на национално ниво по коронавирусот би можеле да и помогнат на погодената автомобилска индустрија.

Утврдено е дека мерките треба да поддржат зелено закрепнување со приоритет на производството на електрични возила и стимулации за купување, за да се поттикне продажбата на автомобили со нулта емисија, особено во возните паркови на корпорациите, такси службите и агенциите за изнајмување автомобили.