Европската конфедерација на синдикати со поддршка за ССМ во барањата за повисоки плати

Сојузот на синдикати на Македонија доби отворена поддршка од Европска конфедерација на синдикати во своите барања за зголемување на минималната плата и раст на останатите примања на работниците.

Во писмото испратено до претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, од европската синдикална организација оценуваат дека активностите на македонскиот синдикат се оправдани и во интерес на работниците. Тие посочуваат дека иницијативите за повисоки плати и посилно колективно договарање се одговор на реалните економски притисоци со кои се соочуваат граѓаните, особено во услови на растечки трошоци за живот и нестабилност.

Од Конфедерацијата нагласуваат дека борбата за достоинствени услови за работа и живот претставува темелна синдикална вредност и е усогласена со европските и меѓународните стандарди за труд.

Воедно, европските синдикалци изразуваат сериозна загриженост поради информации за притисоци и закани кон синдикални претставници. Според нив, каква било форма на заплашување или обид за влијание врз синдикалните лидери и нивните семејства е недозволива и спротивна на демократските принципи.

Тие потсетуваат дека правото на здружување, колективно преговарање и организирање штрајк се загарантирани со конвенциите на Меѓународната организација на трудот и европските документи за човекови права и мора да се применуваат и во законите и во праксата.

Од Европската конфедерација на синдикати најавуваат дека ќе продолжат внимателно да ја следат состојбата и, доколку има потреба, ќе реагираат и на европско ниво.

Фото: ССМ Мета