Францускиот Сенат усвои закон со кој се воведува ново кривично дело – „онлајн сексуална експлоатација“, насочено кон агенти и посредници што застапуваат креатори на содржини за возрасни на платформи како OnlyFans и француската Mym. Иницијативата, поднесена од сенаторката Мари Мерсие од партијата Републиканци, има цел да го сузбие феноменот наречен „макро 2.0“, односно модерни форми на посредничка експлоатација во дигиталниот простор.
Законот предвидува казна до седум години затвор и парична глоба до 150.000 евра, со построги санкции доколку се вклучени малолетни лица. Според податоци, околу 30 проценти од креаторите на ваква содржина во Франција имаат агенти, кои наводно ветуваат финансиска независност, но според парламентарен извештај, во одредени случаи се поврзуваат со злоупотреби како присвојување заработка, психолошки притисок и наметнување екстремна содржина.P
Онлајн сексуалните услуги досега не се сметаа за проституција според француското законодавство, бидејќи нема физички контакт, што создаде правна празнина. Со новото решение, фокусот се става на посредниците, а не на самите креатори.
Законот предизвика поделени реакции. Дел од онлајн сексуалните работници стравуваат од прекумерна криминализација и ограничување на слободата меѓу возрасни лица кои доброволно учествуваат. Други организации, пак, сметаат дека мерките не се доволно строги и бараат проширување на казнивоста и кон купувачите на персонализирани сексуални услуги преку интернет.
Предлог-законот сега продолжува на разгледување во Националното собрание.
Извор: EuroNews / Freepik