Еуромакс Ресоурцес, преку соопштение извести дека од неколкумина активисти побарале извинување за коментарите на социјалните мрежи поради, како што велат „паушалните и манипулативни изјави кои ниту се поткрепени со факти ниту со експертско мислење“.
Со коментарите, посочува концесионерот на рудникот Иловица Штука, се наштетува на реномето на Еуромакс, како и на проектот Иловица – Штука, а со тоа и врз вредноста на акциите на компанијата, која котира на берзата во Торонто.
„Дозволете да потенцираме дека во барањата за извинување кои се доставени до поединците нема закани, туку едноставно барање за извинување согласно роковите пропишани со Законот за граѓанска одговорност со цел населението да биде запознаено со вистинските информации и факти за проектот“, стои во соопштението.
Од компанијата велат дека активно соработуваат со заедницата околу проектот за рудникот, а на поединците кои коментирале на ФБ против рудникот, им понудиле можност да се извинат .
Од Иницијативата „Здрава котлина“ пак, во меѓувреме соопштија дека активистите кои се борат против изградбата на рудници на Југоистокот, нема да се извинат.
„Веднаш да кажеме дека извинувања нема да добиете, освен презир и сарказам, оти друго и не заслужувате. Намерните таргетирања на активистити е со позадинска цел да бидат замолчени и заплашени, но она што навистина направивте е со обратен ефект. Поддршка, од секаков аспект, стигнува од сите страни и граѓаните се повеќе мотивирани и обединети да расчистат со вас еднаш и засекогаш. Треба да знаете дека од денес натаму, нема да имате мир, а уште помалку некаква вредност во очите на народот“, стои во ниовната реакција.
Вчера на социјалните мрежи, тројца активисти соопштија дека од адвокатите на концесионерот на рудникот Иловица Штука, им стигнало „Барање за извинување со опомена пред тужба“, поради статусите кои ги пишувале на Фејсбук.