„Еуромакс Ресоурсес“ одржа средба со граѓани за Иловица, „Здрава котлина“ тврди дека компанијата манипулира

Компанијата „Еуромакс Ресоурсес“, концесионер на проектот „Иловица – Штука“, одржа средба со околу 200 жители од општините Босилово и Ново Село.

Додека здружението „Здрава котлина“ ваквите средби ги карактеризира како манипулација и измами врз граѓаните од компанијата, „Еуромакс Ресоурсес“ тврди дека ги претставила економските придобивки и мерките за заштита на животната средина и на здравјето на луѓето предвидени во проектот за рудникот „Иловица-Штука“.

Според „Еуромакс“, на средбата во Струмица присуствувале жители од селата Иловица, Штука, Еднокуќево, Сушица, Радово, Зубово, Турново, Ново Село и Секирник, кои, како што тврди компанијата, биле „заинтересирани за еколошките мерки што се предвидуваат со проектот, евентуалното влијание на рудникот и инфраструктурата врз селата, како и влијанието врз економијата“. Исто така, тврди дека особен интерес присутните покажале околу работните места кои ќе ги овозможи рудникот, како и можностите за обука и едукација за високо квалификувани позиции.

„Ќе продолжиме да одржуваме отворена комуникација со жителите, невладиниот сектор и со институциите во Македонија. Уште еднаш сакам да истакнам дека одржуваме постојана комуникација со локалните власти, со надлежните институции и со Владата. Работиме на спроведување на сето она што беше договорено на последната заедничка средба во јули“, вели Варшан Гокул, извршен директор на „Еуромакс Ресоурсес“.

Според претставниците на компанијата, при проектирање на проектот в предвид се земени влијанието врз животната средина и здравјето на граѓаните, а проектот е изработен од домашни, меѓународни експерти и професори и е во целосна согласност со македонските закони, како светските и ЕУ стандарди. „Еуромакс“ велат дека цијанид и сулфурна киселина нема да се користат и уверуваат на независно тело за мониторинг кое ќе се организира во соработка со Владата.

Од друга страна, еколошкото здружение „Здрава котлина“ сметаат дека средбите се манипулација бидејќи, велат тие, „Еуромакс“ немаат друг одговор на отпорот протв рудникот на смртта Иловица-Штука и сакаат да се претстават како наводно блиски до народот.

„’Еуромакс’ сака да се прикаже како сериозна компанија, која нуди голем број вработувања и особено откуп на земјиште од жителите на околните села, за што наводно нудат багателни цени. Всушност, ги лажат селаните, бидејќи оваа компанија е пред банкрот, нема средства за такви откупи, и само сака да претстави лажна слика во јавноста. Вистинската цела на овој подмолен собир е да ги намамат наивните жители на селата, со цел да предизвикаат нивен отпор кон сите луѓе кои се борат против рудникот и на тој начин да извршат притисок врз Владата на РМ за за добивање на дозвола за работа на рудникот“, реагираа од „Здрава котлина“ пред средбата на граѓаните.

Од здружението тврдат дека повеќемина од поканетите на средбата се откажале од „коктелот“ откако се увериле дека се работи за манипулација, а за останатите апелираат „да не дозволуваат да бидат употребени како марионетки за бескрупулозна цел“.

„Тие никогаш нема да ја купат вашата земја за ваше добро, уште помалку по такви цени, ниту може да има толку вработувања. Не дозволувајте повторно да бидете измамени, продавајќи го вековниот имот за да се изгради рудникот на смртта. ‘Еуромакс Рисорсис“ всушност сакаат да ве иселат од вашите вековни огништа. Се’ што ќе направите со вашето присуство таму е само тоа дека ќе бидете фотографирани, а народот ќе ве одбележи со име и презиме како луѓе кои се продале на гробарот на струмичка котлина. Стоп за рудникот на смртта!“, реагираа од „Здрава котлина“.

Инаку, стотици граѓани на последниот протест во Струмица повторно испратија две барања до властите: Владата итно да ја одземе концесијата на компанијата „Еуромакс Рисорсис“ и Собранието да ги изгласа измените во Законот за металични и минерални суровини.

 

[Видео] Протест во Струмица против рудникот „Иловица-Штука“