ЕУ се подготвува за целосно укинување на готовинското плаќање

Пратениците во Европскиот парламент начелно се согласија со воведување на дигитално евро – електронска форма на заедничката европска валута што Европската централна банка (ЕЦБ) планира да ја воведе до крајот на деценијата. Целта на проектот е зајакнување на европскиот суверенитет во областа на платните системи.

За време на заседанието во Стразбур, Европскиот парламент усвои два амандмани во рамки на расправата за годишниот извештај на ЕЦБ, со кои се поддржува развојот на дигиталното евро. Еден од амандманите беше изгласан со убедливо мнозинство – 438 пратеници гласаа „за“, а 158 „против“. Во текстот се нагласува дека дигиталното евро е клучно за намалување на фрагментацијата на платните системи и за зачувување на стабилноста на единствениот пазар.

Дигиталното евро е замислено како електронски еквивалент на готовината, што граѓаните би можеле да го користат за плаќања во продавници, онлајн и во меѓусебни трансакции, без дополнителни трошоци.

ЕЦБ ја започна анализата за воведување сопствена дигитална валута уште во 2020 година. Според актуелните планови, пробната фаза треба да започне во 2027 година, а издавањето се очекува во 2029, доколку законската рамка биде усвоена.

Проектот се гледа и како одговор на доминацијата на американските компании Visa и Mastercard во електронските плаќања. Дел од јавноста изразува загриженост за приватноста, но претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, увери дека банката нема да има пристап до личните податоци и дека дигиталното евро нема да ја замени готовината.

Извор