ЕУ постигна договор за заштита од SLAPP тужби за замолчување новинари и активисти

Европскиот Совет и Европскиот Парламент постигнаа договор за закон на ниво на ЕУ кој би бил насочен кон заштита на новинари и активисти за човековите права од SLAPP тужби (Стратешки тужби против јавно учество).

Овие тужби често се користат од поединци или компании со цел да избегнат негативен публицитет од страна на новинарите, медиумите или активистите, односно да се замолчат критичките гласови.

Според постигнатиот договор на ниво на ЕУ, оние кои се мета на SLAPP тужбите ќе можат да бараат од судовите да ја отфрлат тужбата по брз рок, доколку таа се смета за „очигледно неоснована“. На новинарите и активистите ќе им биде на располагање и можност подносителот на тужбата да ги покрие сите судски трошоци, вклучително и нивната одбрана, како и други правни лекови. Истовремено, судијата може страната која ја покренала SLAPP тужбата да ја казни или да изрече некои други мерки против неа.

Дополнително државите од ЕУ нема да ги признаваат пресудите на земји надвор од ЕУ за неосновани или насилни процедури против индивидуалци. Оние кои ќе бидат мета на такви SLAPP тужби ќе можат да бараат компеанзација за трошоците за такви процеси пред нивните домашни судови.

„По тешки преговори постигнавме договор за анти-SLAPP директивата – чекор поблиску кон ставање крај на раширената пракса на насилни тужби насочени кон замолчување на новинарите, невладините организации и граѓанското општество. И покрај обидот на Европскиот Совет за значително да се ублажат предлозите на Комисијата, Парламентот обезбеди договор кој вклучува дефиниции на прекугранични случаи, забрзано решавање на клучните процедурални одбранбени механизми, како рано отфрлање и одредби за финансиска сигурност, како и посебни мерки за поддршка, собирање податоци и надоместок на трошоци“, изјави германскиот европратеник Тимо Волкен.

SLAPP тужбите обично ги поднесуваат моќни поединци, лоби групи, корпорации или државни органи. Нивната цел е да ги цензурираат, заплашат или замолчат критичарите со тоа што ги затрупуваат со правни трошоци се` додека не се откажат од критиките. Типични мети се новинари и заштитници на човекови права, но предмет на вакви тужби можат да бидат и истражувачи и научници.

Бројот на SLAPP тужби во ЕУ е во постојан пораст. Од едноцифрени бројки на почетокот од минатата деценија, сега овие тужби се мерат во троцифрени цифри. Во 2022 година биле регистрирани 161 SLAPP тужба во ЕУ. Последниве петнаесетина години најголем број на вакви процеси во ЕУ биле регистрирани во Полска и Франција.

Договорот меѓу Европарламентот и Европскиот Совет е еден од последните чекори пред усвојување на оваа директива на ниво на ЕУ. Останува уште претставниците во рамките на КОРЕПЕР да го усвојат предложениот текст и да го проследат до Европскиот Парламент и Европскиот Совет за конечно усвојување.