Европската унија ќе ги затвори надворешни граници на 30 дена, во борба против пандемијата на коронавирусот, потврди вчеравечер францускиот претседател Емануел Макрон, пренесува „Индекс.хр“. Макрон во телевизиското обраќање потенцираше дека границите ќе бидат затворени од денеска на пладне, пренесува „Франс прес“.
„Сите патувања помеѓу неевропските земји и Европската унија ќе бидат запрени на 30 денови“, објасни францускиот претседател.
Во текот на вчерашниот ден, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека ЕУ заради спречување на ширењето на коронавирусот ќе воведе привремена забрана за влез.
„Што помалку патуваме, толку полесно ќе го сузбиеме вирусот“, наведе Фон дер Лајен на Твитер.
Макрон ги објави острите ограничување на слободата на движење, велејќи дека французите во целата земја од денеска на пладне смеат да ги напуштат домовите единствено за неопходни активности како што се купување храна или одење на работа, и додаде дека таа мерка ќе биде на сила најмалку 15 дена.
Тој наведе дека семејните и пријателските собири се забранети, но дека на граѓаните ќе им биде дозволено да вежбаат, под услов да држат растојание едни од други, пренесува „Асошиејтед прес“.
Исто така, тој кажа дека на таквите мерки се одлучил поради тоа што граѓаните не ги почитувале претходните апели на власта за социјално да се дистанцираат.
„Видовме дека луѓето се собираа во парковите, преполни продавници, ресторани и барови кои не ги следеа инструкциите. Не само што не се заштитувате себе си, туку не ги штитите ни другите“, рече францускиот претседател.
Секој кој ќе ги прекрши ограничувањата ќе биде казнет, рече Макрон, не прецизирајќи што тоа точно значи.
„Ние сме во војна“, повтори тој повеќепати во своето обраќање.
Се суспендира и контроверзната реформа на пензискиот систем, наведе тој, велејќи дека тоа е непоходно поради фокусот на борбата против коронавирусот.
Во Франција досега се потврдени повеќе од 6.600 случаи на заразени со коронавиусот, а 148 лица досега починале.