ЕУ членки забрануваат летови од Британија поради нова мутација на Ковид-19, македонските здравствени власти предлагаат самоизолација за патниците

Германија, Франција и Италија се дел од земјите кои ги суспендираа летовите од Велика Британија поради информациите дека таму се појавил нова варијанта на коронавирусот. Претставниците на Европската Унија денеска ќе дискутираат за координиран одговор на ситуацијата.

Во земјава пак, македонското Министерство за здравство информираше дека е донесена одлука за забрана на летови од Северна Македонија до и од Британија до крајот на годинава, како и за задолжителна 14 дневна самоизолација на сите граѓани кои во земјава ќе дојдат со летови или по копнен пад од Велика Британија. Од Министерсството велат дека мерката е донесена превентивно по информациите дека нова мутација на корона вирусот, која се шири во Англија, според првичните епидемиолошки анализи е позарзана.

„Комисијата за заразни болести засега не ја разгледува опцијата да предложи дополнителна мерка – како задолжителен ПЦР тест за влез во нашата земја, односно да предложи рестриктивна мерка за влез или излез од земјава. Министерството за здравство апелира до сите граѓани кои патуваат да ги почитуваат здравствените протоколи, како задолжително носење заштитна маска во автомобил или друго превозно средство, а превозниците да ја почитуваат мерката за бројот на патници се со цел заштита на здравјето на граѓаните“, додаваат од Министерството за здравство.

Покрај европските земји и Канада недозволува британски летови во земјата.

Според здравствените експерти, новата мутација на Ковид-19 е 70% позаразна, но засега нема докази дека е посмртоносна, или дека поинаку ќе реагира на вакцините.

Според британскиот министер за здравство, Мет Хенок, новата варијација на вирусот „излегува од контрола“, додека паралелно Данска, Италија и Холандија официјално соопштија дека веќе детектирале случаи со мутираниот вирус.

Новата варијација на вирусот првично била идентификувана во септември, а веќе во ноември била дел од четвртина од ковид-случаите во Лондон. Оваа бројка се подигнала на две третини од сите случаи во градот до средината на декември.

Брзината со која реагираа голем дел од европските држави ја покажува итноста на ситуацијата. Денеска медицинското регулативно тело на Европската Унија се очекува да даде дозвола за употреба на вакцините од Фајзер и Бионтек во сите 27 земји членки. Доколку се даде дозвола, формалната дозвола која ја дава Европската Комисија треба да се случи во среда, по што дистрибуцијата на вакцините во некои од ЕУ членките би можела да започне најрано од недела.

*Текстот е дополнет со нови информации од Министерството за здравство за донесена одлука за забрана за летови до и од Велика Британија до крајот на годината, како и за донесената одлука дека самоизолацијата ќе важи и за патниците кои од Велика Британија по копнен пат ќе стигнат во земјава.