ЕЦПР: Македонските власти да прекинат со блокирање на граѓани кои ја напуштаат земјата

Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) испрати отворено писмо до националните и меѓународните власти, да ја изрази својата загриженост околу континуираните превентивни мерки на владата кон своите граѓани, кои не дозволуваат напуштање на државата, особено мерки кон Ромите кои беа депортирани или осомничени како потенцијални баратели на азил.

ЕЦПР: Македонските власти да прекинат со блокирање на граѓани кои ја напуштаат земјата

ЕЦПР истакна дека ваквите практики не се во согласност со одлуката на Уставниот Суд донесена на 25-ти јуни годинава, со која се прогласи дека ограничувањата на правото да се напушти сопствената земја се неуставни.

И покрај оваа одлука, ЕЦПР документирале случаеви каде што Министерството за внатрешни работи (МВР) донело решение за одземање на патните исправи, што е спротивно на горенаведената одлука на Уставниот Суд.

– Дополнително, ЕЦПР документираше нови незаконски рестрикции т.е. недозволување на депортираните граѓани да ја напуштат земјата со нивните лични карти како документ за патување, кога станува збор за патување до соседни земји(Србија). Оваа пракса, не е правична затоа што не се заоснова на судска одлука, како што е уредено според закон. Ако македонските власти се загрижени дека македонските граѓани (особено Ромите) ќе патуваат во други земји да бараат азил или живеат и работат без дозвола, наместо да им ги ограничат фундаменталните права на граѓаните, тие треба да ги адресираат причините што ги мотивираат луѓето да ја напуштат својата земја: сиромаштијата, социјалната исклученост и повреда на нивните фундаментални права, соопштуваат од оваа организација.

ЕЦПР ги повикува релевантните фактори, особено Министерството за внатрешни работи целосно да ја почитуваат и придружуваат кон одлуката на Уставниот Суд, како и да ги вратат одземените пасоши на сите македонски граѓани кои беа засегнати со незаконските одредби.