Ердоган затвори над 1 000 приватни училишта, 1 200 добротворни организации и 15 универзитети

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган одлучи да затвори над илјада приватни училишта, добротворни организации и други институции, осомничени за врски со муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен.

Овој указ е прв откако во средата беше констатирана вонредна состојба. Тој нареди затворање на 1 043 приватни училишта, 1 229 добротворни организации и фондации, 19 синдикати, 15 универзитети и 35 здравствени установи, како и државната новинска агенција Анадолу.

Организациите кои беа затворени, се осомничени дека се поврзани со поранешниот сојузник на Ердоган, а кој сега е негов жесток противник. Турската влада го обвини Ѓулен дека е вмешан во обидот за воен удар од минатата недела, како и за предхотните напади против него.

По обидот за воен пуч, во Анкара започна масовна чистка на луѓе за кои постои сомнеж дека се сојузници на Ѓулен, и тоа меѓу војската, полицијата, судиите, општински службеници и други гранки на владата.

Ердоган, исто така, нареди подолг притвор на лицата, иако против нив нема обвинение. Тримесечната вонредна состојба која беше прогласена во средата, и дозволува на турската извршна власт да донесува закони без поддршка од Парламентот, и да ги ограничува правата и слободите за кои смета дека тоа е неопходно.

ЕУ и САД бурно реагираа на овие казнувања. ЕУ се закани дека ќе ги суспендира разговорите за пристап со Анкара во случај Ердоган да дозволи враќање на смртната казна. Од САД, пак, велат дека тој треба да најде цврст доказ против Ѓулен со кој ќе докаже дека е виновен за државниот удар, ако сака да му биде екстрадиран.

Ѓулен е веќе со години државјанин на САД, и од самиот почеток го негираше организирањето на обидот за воен удар.