[Рецензија] Енергично лудило на настапот на „Продиџи“ – отворен „Егзит 2023“

На Петроварадинската тврдина во Нови Сад, Србија вчера започна уште едно издание на најголемиот фестивал во Балканскиот регион, „Егзит“.

Организаторите очекуваат дека во текот на овие четири „Егзит денови“ тврдината ќе привлече 200.000 посетители, а очекувањето може да се потврди по вчерашниот настап на „Продиџи“ кој го наполни целиот простор околу главната бина па сѐ до излезот и патот кон другите стејџови.

Оној кој ги слушал „Продиџи“ во живо знае декa треба подготовка да се „преживее“ и издржи храбро на нивната луда и енергична музичка изведба. Иако настапија без фронтменот Кит Флинт кој го носеше шоуто на сцена, приредија еднакво добра музика и настап одговорен да ги истроши сите атоми енергија од тебе.

Фото: EXIT Photo Team

Пред на „Егзит“ да му се случи „Продиџи“ имаше свечено отворање со настап на детски хор во знакот на емпатијата. Публиката делумно насобрана за она што следеше, делумно за отворањето за момент застана да ја сподели детската емпатија што ја претставија организаторите. Во знак за љубов и почит беше и говорот на Аубри Маркус проследен со огномет и кој ја испрати пораката дека најголемата ѕвезда на „Егзит“ е секоја индивидуа што се решила да ги помине таму следните четири дена.

Пред главната церемонија, имаше уште едно отворање на бината „Пачамама“ со бендот „Сарасвати Друна“.

Главната бина годинава ја отвори српскиот инди-рок бенд „Шајзербитерлемон“ кој настапи во 20:00 часот. Шајзери имаа одличен настап, а имаше и публика – онолку колку што се очекува во 8 часот навечер со оглед на тоа што „Егзит“ е фестивал кој им припаѓа на „рејверите“ и раните утрински часови.

Помеѓу легендарните панкери „Виагра бојс“ и останатите свирки на другите 40-те бини сместени во тврдината, тргнав на кратко до „Денс“ арената или вториот главен стејџ на „Егзит“ каде се случуваат најдобрите техно журки. За оние што претходно гледале некои лајв диџеј сетови оттаму им е појасно дека станува збор за нова димензија на сцена, простор и време. Од подалеку видов дека бината е обоена во црвено од костими и светла кои зрачат со женска енергија.

Настапуваше Вајлана (Vylana), музичарка за која на Интернет пишува дека создава музичка атмосфера од природни звуци. Додека се приближував кон средишниот дел пред бината каде имаше десетици луѓе, на сцената се појави друга девојка што почна да рецитира поезија. Тоа беа стихови на еротика кои во една реченица го опејуваат забранетото и Бог низ молитва со оригинална мисла на феминистичка порака. Потоа се врати Вајлана заедно со своите придружнички – танчарки чија енергија се распрсна низ присутните како капки на задоволство со многу длабочина за понатамошно размислување. Целиот перформанс, со сите кажани зборови барем мене ме остави во мислење за жените од она што се вели „другиот крај на светот“ и правата и слободата кои (не) ги уживаме ние, жените во целиот свет.

Оние кои останаа на скалите на „Денс“ сцената ги очекуваше сетот на Тијана Т, Амели Ленс, Нина Кравиц и за крај Индира Паганото.

На главниот стејџ по „Продиџи“ продолжи драм-ен-бејс ритамот на „Чејс ен Стејтус“ (Chase & Status) кои ја започнаа прво-вечерната индивидуална приказна на истражување на танцовите способности. За да не запреме ниту за моменти, бидејќи кога запираш да се одмориш одма почнува болка, од нивните раце нѐ презеде младиот музичар Гардна, а крајниот танц ѝ го подаривме на Чарли Ти.

Другите бини затскирени во Тврдината вчера само ги ѕирнавме, а се надеваме дека вечерва ќе ги посетиме за да пренесеме дел од тамошната атмосфера. Вечерашниот лајнап се врти кон електроника, па ќе ги слушаме Скрилекс, Бурак Јетер, Спејс Моушн, тука се и металците „Мирор“, а вечерва на стејџот „Виз Фужн“ ќе настапи и Дина Јашари со другари.

Ангела Бошкоска

Фото: Радио МОФ