Eлектронското дуо „Autechre“ доаѓа во Скопје во октомври 2026

„ROTKO books&music“ го најавува гостувањето на британско електронско дуо „Autechre“, едни од најиновативните пионери на глобалната електронска сцена.

„По повеќе од три децении влијание и редефинирање на електронската музика, Шон Бут и Роб Браун конечно ќе настапат во Скопје, во октомври 2026 година во МКЦ“, најавуваат организаторите.

Билетите за овој настан ќе бидат пуштени во продажба задутре – во четврток, 4 декември, точно напладне (12 часот).

Фановите кои сакаат ран пристап до фан-претпродажбата може да се регистрираат на: https://autechre.warp.net/register.

По комплетно распродадената турнеја во 2025, „Autechre“ ги очекува уште една екстремно активна концертна година, со настапи во Јапонија во февруари и нов сет датуми низ Европа за септември и октомври 2026 – вклучително и нивниот најголем хедлајн концерт досега, во Лондон.

Нивното најново издание е достапно на AE_STORE: https://autechre.warp.net.

„Autechre со децении важат за џентлмени од сенка во електронската музика – авангардни, технички брилијантни и бескомпромисно иновативни. Од деби албумот ‘Incunabula’ (1993), преку култните ‘Tri Repetae’ (1995) и ‘LP5’ (1998), до грандиозните, алгоритамски генерирани композиции како ‘NTS Sessions’ (2018), нивниот звук постојано ги поместува границите на жанрот и инспирира генерации артисти“,  посочуваат организаторите.

Бут и Браун потекнуваат од Рочдејл, Манчестер, каде во раните ’90-ти започнува нивниот експериментален пат со евтина аналогна опрема и визија што подоцна ќе го обликува она што медиумите го нарекоа IDM (Intelligent Dance Music). Нивниот прв албум достигна висок пласман на британските инди-листи и отвори пат за нивната легендарна статусна позиција во електронската музика.