Група експерти од различни природно-научни дисциплини, вклучувајќи биолози, геолози, географи и хидролози, денеска упатија јавен апел изразувајќи длабока загриженост поради најавените планови за изградба на мали хидроенергетски објекти во сливот на реката Дошница. Тие велат дека овие планови се актуелизираа во време кога е во тек сеопфатен процес на валоризација за прогласување на подрачјето на Демиркаписката Клисура за заштитено подрачје, кое го опфаќа целиот слив на долното течение на реката Дошница.
Министерството за животна средина и просторно планирање го утврди прогласувањето на заштитено подрачје на територијата на Општина Демир Капија како приоритет во својата Програма за заштита на природата за 2024 година (Сл. Весник на РСМ бр. 16/2024). Според експертите, тековниот процес на валоризација има цел да ги идентификува значајните природни и пејзажни карактеристики на поширокото подрачје на Демиркаписката Клисура и да подготви стручна основа за негово идно прогласување за заштитено подрачје. Ова вклучува и детална анализа на долниот тек на реката Дошница, препознаена како една од најчистите и највредните водотеци во Македонија, богата со ендемски и ретки биолошки видови, исклучително значајна за зачувување на биодиверзитетот и водниот режим во регионот.
„Со оглед на тоа што сè уште не се утврдени степенот на заштита и зоните на заштита на идното заштитено подрачје, секоја интервенција која може да предизвика неповратна деградација или девастација на природните вредности – како што е изградбата на мали хидроцентрали – мора итно да се стопира“, изјави проф. д-р Митко Караделев.
Експертите предупредуваат дека продолжувањето со вакви активности пред завршување на студијата за валоризација и пред донесување конкретни одлуки за зонирање и управување, може да резултира со непоправлива штета врз екосистемите, хидролошкиот баланс и потенцијалот за одржливо користење на подрачјето.
Затоа, тие предлагаат итен мораториум на сите активности поврзани со изградба на мали хидроцентрали или други инфраструктурни зафати кои носат ризик од деградација на природните вредности. Притоа, истакнуваат дека потребно е прво да се заврши целосната валоризација на подрачјето, да се дефинираат границите и зоните на заштита и да се изработи соодветен план за управување со идното заштитено подрачје.
„Групата апелира до надлежните институции, инвеститорите и пошироката јавност да го почитуваат овој научно-стручен пристап и да се воздржат од било какви зафати што можат да го компромитираат значењето и интегритетот на овој сè уште незаштитен, но извонредно вреден природен простор“, се вели во соопштението.
Експертите формално бараат Министерот за животна средина и просторно планирање да го стави текот на реката Дошница и пределот околу неа под привремена заштита, согласно член 97 од Законот за заштита на природата.
Инаку, еко-активисти веќе втор месец го блокираат патот кон изворите на Дошница, каде е предвидено да се гради мини хидроелектрана. Спијат покрај патот во шатори и не дозволуваат тешка механизација и камиони да се упатат кон местото и да започнат градежни активности.
Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата велат дека се подготвени да поттикнат дијалот и да најдат решение во врска со овој проблем кое ќе биде, како што велат, во интерес на граѓаните и заштитата на животната средина.
Пред неколку дена на блокадите на Кожуф планина беше и познатата шведска активистка за климатски права Грета Тунберг, во знак на поддршка на локалните еко-активисти и граѓаните од цела Македонија кои го блокираат пристапот и го креваат гласот против изградбата на мала хидроелектрана на реката Дошница.
Грета Тунберг на блокадите на Кожуф: Вашата битка против уништувањето на Дошница е и глобална